Деталната проверка на жичницата на Водно, извршена од австриската компанија „Допелмаер“, открила сериозни технички недостатоци во системот.

Според извештајот што го презентираше скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, носечките и влечните сајли биле оштетени и биле под дозволениот безбедносен минимум. Уште посериозен проблем бил утврден кај системот за контрола на движењето на кабините. Од четирите сензори, дури три биле надвор од функција. 

„Во Швајцарија имало несреќа пред неколку години, во која, за жал, загинала госпоѓа. Несреќата се случила поради нефункционалност на еден од четирите сензори за движење на кабините. Кај нас, три од четири не функционираа“, изјави тој.

Според најавите, со „Допелмаер“ веќе е склучен договор за целосна ревитализација на системот. На терен треба да пристигнат стручни тимови од компанијата, заедно со оригинални делови, со кои ќе се извршат потребните технички зафати.

По реконструкцијата, жичницата ќе мора да помине низ серија темелни тестирања пред повторно да биде пуштена во употреба. Предвидено е и добивање меѓународен сертификат за сигурност, како и дополнителна обука на вработените задолжени за редовно одржување, сервисирање и проверки.

Градоначалникот најави дека првото тест-возење по реконструкцијата ќе го направи лично, заедно со директорот на ЈСП „Скопје“ и со своите деца.

Целта е техничката ревитализација да заврши до крајот на ноември, по што жичницата би требало повторно да биде достапна за скопјани и туристите во зимската сезона. 

Exit mobile version