Владата и Град Скопје ја интензивираат соработката за реализација на нови, големи развојни проекти во главниот град, беше констатирано на денешниот работен состанок меѓу премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
На средбата биле детално разгледани досегашните активности, но и прецизирани следните чекори за капитални инвестиции кои ќе се спроведуваат со заеднички сили.
„Денес, во Владата на Република Македонија, заедно со Премиерот одржавме работен состанок посветен на проектите што Град Скопје ги реализира со силна поддршка од Владата, како и на идните капитални проекти што заеднички ќе ги реализираме“, објави Ѓорѓиевски.
Според неговите зборови, тековната динамика на поддршка од централната власт е на рекордно ниво и истата има клучно значење за иднината на градот.
„Искрено и од срце му благодарам на Премиерот Христијан Мицкоски за историски најголемата поддршка што Градот Скопје ја добива. За поддршката која е човечка, искрена и државничка“, потенцира тој.
На крајот, градоначалникот додаде дека Скопје заслужува многу, поради што локалните и централните власти продолжуваат со посилна динамика и конкретни дела на терен.


