Доизградбата на булеварот „Борис Трајковски“ продолжува со засилено темпо. Како еден од клучните инфраструктурни проекти во Скопје, овој зафат има за цел значително да ја подобри сообраќајната поврзаност и квалитетот на живот на жителите кои гравитираат кон населбата Драчево и околните места во Општина Кисела Вода. Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски информираше дека градежните работи на терен напредуваат одлично и се очекува да бидат комплетирани пред предвидениот рок.
„Се наоѓаме на трасата која се довршува во моментот, а тоа е довршување на дел од булеварот „Борис Трајковски“. Станува збор за околу километар траса каде што во минатото со неверување граѓаните гледаа. Како што кажав 30 години немаше барање на начин од страна на градските власти за да се озвозможи слободен пристап, функционална безбедна траса за граѓаните од Драчево, Зелениково, Студеничани, практично за 100.000 граѓани кои ги врзува овој булевар. Со силна динамика веќе втора недела се работи овде и имаме пробивање на трасата од 88 проценти. Останатите 12 проценти – станува збор за уште три или четири објекти во наредните десетина дена ќе бидат пробиени и ќе имаме целосно овозможување на пристап односно почеток на реализација на овој булевар, кој во овој километар опфаќа нова автмосферска канализација, пешачко-велосипедски патеки и, пред се, безбеден коловоз бидејќи ова место во минатото знаеше да важи за една од црните точки во овој регион на Градот Скопје.“
Проектот со вкупна вредност од два милиони евра предвидува модерно булеварско решение со четири коловозни ленти и безбедни пешачко-велосипедски патеки. Паралелно се поставува и хидротехничка инфраструктура, односно 610 метри атмосферска канализација со цевки со профили од Ф300 до Ф800.
„Откако ќе биде довршен цел овој потег веднаш ќе бидат вградени два слоја на асфлат, ќе следи завршен, трет слој на асфалт којшто ќе го опфати делот од кружниот тек пред влезот на Драчево до Пинтија, или поточно два километри бидејќи едната половина е оставена во минатото во состојба да нема завршен слој. Рокот за завршување на работите е до Нова Година, но следејќи ја динамиката, ако вака продолжи како што е започната компанијата изведувач да работи, мислам дека многу порано од крајот на оваа календарска година ќе стигнеме со реализација.“

Градоначалникот додаде дека паралелно се работи и на други големи сообраќајни проекти во градот, како што се клучката кај Момин Поток и мостот на улицата Љубљанска. Тој потенцираше дека за сите наследени проекти, кои во минатото биле далеку од реализација, сега се целосно комплетирани имотно-правните односи со цел непречено да се решаваат долгогодишните проблеми на скопјани.
Одговарајќи на новинарски прашања поврзани со комуналната хигиена и сметот во главниот град, Ѓорѓиевски посочи дека во моментов се менаџира со околу 60 функционални камиони, за разлика од наследените 16 кога ја презел функцијата, но најави итна набавка на нова опрема.
„Важно е дека се заврши тендерската постапка и за брзо ќе стигнат околу 40 камиони за Градот Скопје. Од друга страна, пак, е недостатокот со контејнери на микро локациите. Знаете дека некаде каде што треба шест има еден контејнер. Во финална фаза сме и на постапката за набавка на контејнери. Околу 2600 контејнери за 15 до 20 дена треба да започнат да се испорачуваат за Градот Скопје.“
Во однос на раководната позиција во Универзална сала, првиот човек на Скопје информираше дека со институцијата привремено раководи вршител на должност од редот на вработените.
„Сега таму има в.д директор којшто е од редот на вработените, Миро Кацаров. Таму имавме спроведено повик којшто пропадна и мораше да се назначи в.д директор од вработените во институцијата, а во наредниве седум дена ќе биде спроведена постапка за повторно да биде избран нов директор. Имаше една апликација но не беше комплетна“, заклучи Ѓорѓиевски.