Ѓорѓиевски: Од три до пет илјади евра казна и одземање на возилото за создавачите на диви депонии


Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски во изјава за телевизијата Алсат зборуваше за вчерашната иницијатива која едногласно се усвои на седницата на ЗЕЛС, а се работи за изрекување големи казни за создавачите на диви депонии.

Како што нагласи, се бара измени во членовите од Законот за комунални дејности во делот на глоби, односно зголемување на истите бидејќи во денешно време се прениски, а депониите масовно се зголемуваат.

- Му благодарам на градоначалникот на општина Аеродром, господинот Дејан Митевски од каде што потекнува оваа иницијатива.

 Вчера на седницата на ЗЕЛС едногласно беше усвоена оваа иницијатива, во која што се предвидува измени во Законот за комунални дејности, односно со тие измени во делот кај глоби се зголемува и она што ние го бараме практично е да се зголеми глобата, односно висината на казните. Тоа е директна промена на членот 14 и членот 14а од Законот, бидејќи глобите се прениски во денешно време.

Досега како општество и како градоначалници, но и државните институции се занимаваат со последиците а никој не се занимава со причинителите на тие последици, така што во оваа интервенција за која што ќе имаме средба на крајот на оваа недела со министерот за транспорт и врски, чие што Министерство е надлежно за овој закон, се предвидува глобите да бидат зголемени од 3 до 5000 евра и да постои можност за одземање на возилото на сторителлот.

На тој начин сметаме дека директно ќе интерневираме во однос на животната средина, знаете дека постојано како градночалници се трудиме да се справуваме со оние малкумина кои што работат на штета на мнозинството, создавајќи диви депонии – изјави Ѓорѓиевски.

На одговор на новинарско прашање, претседателот на ЗЕЛС рече дека се надева оваа иницијатива да наиде на слух кај сите пратенички групи, бидејќи веќе е разговарано со министерот за транспорт и врски Александар Николоски, кој изразил силна волја да го поддржи ова барање на градоначалниците.

До крајот на оваа недела се очекува заеднички состанок со министерот, по што се надева дека оваа иницијатива наскоро ќе се најде пред пратениците.

11.09.2024 - 12:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега