Германски лекар призна за убиствата на 12 пациенти, речиси една година откако започна неговото судење во Берлинскиот регионален суд. 40-годишниот лекар за палијативна нега првично е обвинет за убиство на вкупно 15 пациенти – 12 жени и тројца мажи – во периодот помеѓу септември 2021 и јули 2024 година.

Според обвинението, тој на жртвите, на возраст меѓу 25 и 87 години, им давал смртоносна мешавина од разни лекови додека работел за служба за нега во Берлин. Обвинителите исто така се сомневаат дека во некои случаи тој подметнувал пожар за да ги прикрие своите постапки, а паралелно се истражуваат уште десетици други сомнителни случаи.

Педесет и четири дена по почетокот на судењето, лекарот во четвртокот даде 30-минутна изјава пред судот каде ја прифати вината за 12 од случаите.

„Дури сега сум во можност да ги објаснам моите постапки и да ја прифатам одговорноста за она што го направив“, изјави тој пред судот.

Обвинетиот упати извинување до потесното семејство на настраданите, но и до своите колеги.

„Се извинувам за големото страдање што им го предизвикав“, рече лекарот, обраќајќи им се на роднините на жртвите, како и на неговото семејство и колегите.

Пред неколку недели, како доказен материјал во судот беа пуштени и телефонски разговори кои докторот ги имал со својата сопруга од притвор. Во нив, тој истакнува дека неговите постапки биле „морален чин извршен со погрешни средства“, со цел да ги спаси пациентите од страдање и беспомошност.

Пред судиите, докторот објасни дека неговото признание не е изнудено поради неоспорните докази против него, туку е резултат на лични соочувања со самиот себе кои ги спровел во изминатите неколку месеци.

Exit mobile version