Во голема меѓународна полициска акција издадени се налози за апсење на 10 лица, припадници на моќна криминална структура за шверц на кокаин. Меѓу клучните осомничени е Сокол Бибај (43), кој во земјава е познат од аферата „Двојник“ со нелегално издавање македонски пасоши.
Криминалната група дејствувала во периодот од 2019 до 2021 година, организирајќи транспорт на кокаин од Еквадор и Колумбија кон европските пазари, главно преку пристаништата во Белгија и Холандија.
Обвинителството тврди дека оваа мрежа успеала да организира транспорт на најмалку 50 тони кокаин. Безбедносните служби досега во пет наврати заплениле околу 9 тони, од кои 700 килограми во Антверпен и над 2 тони во Гвајакил, Еквадор.
Покрај шверцот со дрога, групата се занимавала и со перење пари преку легални инвестиции. Албанските власти веќе замрзнаа и конфискуваа 491 имот и финансиски средства проценети на околу 150 милиони евра, вклучувајќи луксузни вили, хотели и земјиште на крајбрежјето.
На списокот на осомничени, покрај Сокол Бибај, се наоѓаат и Никола Бибај, Иса Алиу, Флоријан Мусај, Армандо Пачани, Денис Матоши, Налди Изеирај, Оклид Алиу, Дритан Ѓика и Шпетим Алиу. Освен Бибај, и пријавениот Флоријан Мусај поседувал македонски пасош со украден идентитет на име Наум Фило.
Клучните докази во истрагата произлегуваат од пресретнатите комуникации на криптираната платформа „Sky ECC“, каде Бибај ги користел прекарите „Густи“, „Питбул“ и „Пука“. Во разговорите отворено се договарале неделните испораки.
„Ќе ја дрогираме Европа“, гласи една од пресретнатите пораки во комуникацијата меѓу членовите на групата.
Операцијата е резултат на долгогодишна соработка меѓу албанските институции, Европол, Еуроџаст, британската криминална агенција (NCA) и службите на Колумбија и Еквадор. Истрагата продолжува и не се исклучуваат нови апсења.
Сокол Бибај во Македонија се бараше токму поради поседување лажен пасош од аферата „Двојник“, каде го користел идентитетот на реален македонски државјанин под името Андон Папи.


