Германските власти истражуваат можна координирана саботажа врз енергетската инфраструктура откако беше нападната електроенергетската мрежа во близина на електраната Јеншвалде во јужен Бранденбург, близу Берлин. По инцидентот се појавило писмо со кое непознати лица ја преземаат одговорноста, а полицијата во моментов ја проверува неговата автентичност.

„Автентичноста на писмото е предмет на истрага и во овој момент не можеме ниту да ја потврдиме ниту да ја отфрлиме“, изјавила портпаролката на полицијата, додавајќи дека засега не е познато кога ќе заврши проверката, пренесува „Шпигел“.

Според истрагата, непознати сторители во вторникот наутро користеле повеќе од десет импровизирани пиротехнички направи за насочување проводлив материјал кон високонапонски далекуводи за да предизвикаат краток спој. Операторот соопшти дека немало прекин во снабдувањето со струја. Случајот се води како можна саботажа, но се разгледува и во контекст на сомневања за можно здружување во терористичка организација.

Само неколку часа подоцна бил регистриран дефект и на трафостаница во Бергхајм, во близина на Келн, каде што исто така биле пронајдени фрлачи и пиротехнички средства. Министерството за внатрешни работи на Бранденбург оцени дека индициите укажуваат оти двата инцидента се дел од координирана акција.

Министерот за внатрешни работи на Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл, исто така смета дека поврзаноста меѓу двата инцидента е многу веројатна.

„Сега сме прилично сигурни дека постојат многу сличности“, изјавил Ројл за емисијата „heute journal“ на германската телевизија ZDF.

Иако безбедносните служби се сомневаат во левичарски екстремисти за слични напади во минатото, министерот од Бранденбург посочи дека начинот на извршување овојпат се разликува и дека засега нема докази за вмешаност на странска разузнавачка служба.

Инцидентите ја отворија дебатата за заштитата на критичната инфраструктура. Ројл побара преиспитување на овластувањата на операторите, вклучително и употреба на видеонадзор и системи за одбрана од дронови. Како одговор, Бранденбург најави формирање „безбедносен центар од 360 степени“ кој ќе ги обедини полицијата, разузнавањето и спасувачките служби, како и носење закон со кој операторите ќе преземат поголема одговорност за заштита на објектите.

Случајот доаѓа во период на зголемена загриженост, откако претходно неделава германските власти официјално ја обвинија Русија за обид за напад со дрон врз украински транспортен авион „Антонов“ на аеродромот Лајпциг-Хале.

Exit mobile version