Еден од повредените во пожарот е со хеликоптер префрлен во болницата „Мариенхоспитал“ во Штутгарт, каде што прима „интензивна медицинска нега“, јави ДПА.

Две лица со „тешки повреди“ се хоспитализирани во клиниката „БГ“ во Тибинген, која се наоѓа околу 30 километри јужно од Штутгарт. Портпаролката на болницата изјави дека установата е подготвена да прифати и дополнителни пациенти доколку има потреба.

„Мариенхоспитал“ во Штутгарт е специјализиран центар за лекување на лица со тешки изгореници уште од 1983 година, додека клиниката во Тибинген исто така располага со „специјална експертиза за третман на тешки изгореници“, соопшти портпаролката.

Во катастрофалниот пожар што избувна за време на новогодишната прослава во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот алпски град Кран-Монтана, лоциран околу 100 километри источно од Женева, загинаа околу 40 лица.

Повредени се приближно 115 лица, од кои околу 80 се во критична состојба. Повеќето од тешко повредените се млади луѓе на возраст меѓу 16 и 26 години. Истрагата за причините за пожарот продолжи и денеска, а надлежните власти засега претпоставуваат дека станува збор за несреќен случај.

Дополнително, една жена се лекува во болница во Лудвигсхафен на Рајна, јужно од Франкфурт. Клиниката „БГ“ во Лудвигсхафен соопшти дека е подготвена да прими до четири лица повредени во пожарот, а се очекува и пристигнување на уште еден машки пациент подоцна денеска.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер упати сочувство до швајцарскиот претседател Ги Пармелин, кој ја презеде функцијата на Нова година. Тој изрази шок од трагедијата во Кран-Монтана и порача дека неговите мисли се со жртвите и нивните семејства.

„Ја споделуваме тагата и болката во овие тешки часови“, напиша Штајнмаер, посакувајќи им на повредените брзо и целосно закрепнување и изразувајќи искрено сочувство „до сите швајцарски граѓани, и во име на сонародниците“.

Exit mobile version