„Лично сметам дека воопшто нема место за политика и политизирање во локалната самоуправа – ова постојано го повторувам. Како тоа ќе тераме политика за јавна хигиена? Или политика за квалитетот на градинките? За поддршката на возрасните, за социјалните проекти? Во тоа нема ништо политичко. Локалната самоуправа мора да биде сервис на граѓаните, и тоа е сè што треба да биде. Ова е моето поимање на позицијата градоначалник“, вели кандидатот за втор градоначалнички мандат и актуелен градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, во интервју за „Локално“.

Тој нагласи дека очекува победа и поддршка од сите граѓани, без разлика на политичката припадност, затоа што работата на општината треба да биде обединета околу интересите на граѓаните.

„Што се однесува до резултатот, очекувам победа и глас од сите граѓани без разлика на нивната политичка припадност, и ќе ви кажам и зошто. Центар е единствената општина каде советот, додека јас бев градоначалник, функционираше како сите да сме од една партија. Сите предлози, без разлика од која група доаѓаа, беа разгледувани и прифатени. Десетици проекти и мерки се спроведени на предлог на опозицијата. Претседател на Совет имаме од ВМРО-ДПМНЕ и тоа не беше никаква пречка за соработка и реализација. Во Центар покажав дека општината ми е над политиката. Ние сме вистински пример за демократско управување кое дава резултати. На овие избори одам со јасна порака: „За Центар што го сакаме“. Затоа што сите сакаме чист Центар, Центар кој соработува, Центар во кој транспарентноста е на прво место, Центар во кој секој има право да придонесе без разлика од која партија или граѓанско здружение. Ова е мојата визија и начин на работа“, изјави Герасимовски.

Герасимовски посочи дека Општина Центар веќе четири години функционира без ниту еден скандал или корупциска афера, бидејќи, како што вели, „сè е отворено и се работи заедно“.

„Ние сме единствените што имаме претставници на граѓански здруженија на листите за советници. На пример, јас сум единствениот градоначалник кој нема потрошено ниту денар на службени патувања или ручеци. Секаде се движам со велосипед. Ова му доликува на Центар и затоа верувам дека центарци ова го препознаваат и ќе го наградат.

Што се однесува до моите опоненти – ги почитувам сите. Секоја нивна добра идеја ќе биде дел од идните проекти на Центар. Тоа е убавината на демократијата, секој да може да придонесе и сечие мислење да се земе предвид. Само така може да ги избереме најдобрите решенија, но и да ги мотивираме луѓето да ни се приклучат“, додаде Герасимовски.

Exit mobile version