Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваше на симулациска вежба за евакуација при земјотрес и нус-појава на пожар во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“.
Вежбата имаше за цел да ја провери подготвеноста на учениците, наставниот кадар и персоналот за брза и координирана реакција во кризна ситуација.
„Овие обуки не смеат да бидат формалност, туку мора да станат задолжителна и редовна пракса во образовниот систем. Сите училишта треба да ги знаат протоколите за евакуцација во случај на катастрофа. По трагичниот пожар во објектот Пулс во Кочани, треба да ја кренеме свеста на највисоко ниво за важноста на ваквите подготовки“, рече Герасимовски.
Сценариото опфати симулиран земјотрес и пожар, по што беше извршена итна евакуација на 515 ученици и персоналот. Беше демонстрирано и укажување прва помош и згрижување на можни повредени. На терен учествуваа и екипи на СВР, Црвениот крст и НОУП Центар, кои ги проверија своите протоколи и координација.
Ваквите симулации се клучни за навремена и правилна реакција во реални услови. Општина Центар продолжува да вложува во унапредување на безбедносните стандарди и редовни обуки во училиштата.

