Адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко, сопственик на дискотеката „Пулс“, во својот воведен говор денеска изнесе цврста рамка за одбраната: Јованов е „обичен човек кому му падна на товар институционалната неодговорност“.

Одбраната ја лоцира вината за непосредните причини за пожарот кај групата ДНК.

Адвокатката тврди дека не можело да постои умисла кај Јованов за пиротехниката, бидејќи нејзината употреба никогаш не била пријавена од групата ДНК.

„Групата сама ја инсталирала и употребувала пиротехниката… само прашање на време било кога ќе дојде до последица,“ рече Коцевска, додавајќи дека ќе понуди докази за нивни претходни настапи.

Јованов, како нестручно лице, не можел да биде свесен за пропустите во клубот. Тоа била обврска на надлежните инспекциски служби кои требало да вршат редовни контроли и да укажат на неправилностите.

Адвокатката ќе докажува дека Јованов презел мерки, ангажирал проектантско друштво за основен проект и елаборат за заштита од опасни материи, а Министерството за економија му издавало лиценца за работа цели 13 години.

Адвокатката го критикуваше и самото обвинение, нарекувајќи го „нејасно и небулозно“ и направено под политички влијанија, тврдејќи дека обвинителството не дало правна насока за издржаност на обвинението.

Exit mobile version