Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска порача дека е клучно најавениот електронски попис да биде спроведен на професионален начин за граѓаните да имаат доверба во крајните резултати.
Гаши на денешниот брифинг истакна дека нема ништо против дигитализација на процесот доколку институциите се подготвени за такво нешто.
„Мислам дека тоа е прашање на надлежните институции што ги спомнавте одговорни за да го спроведуваат тоа. Ако тие се чувствуваат подготвени, одлично е. Ние немаме нешто против да биде што полесно. Битно е пописот да биде спроведен на најдобар и кредибилен начин, да веруваат граѓаните дека информациите се кредибилни. Начинот како ќе се извршува, ако е најлесен тој дигитален начин или најкредибилен, тогаш одлично, се согласувам и јас. Нема никаков проблем“, рече Гаши.
Првиот човек на законодавниот дом смета дека пописот, како статистичка операција, не смее да биде предмет на политички препукувања, особено во делот на резидентното население.
„Пописот е статистичка постапка која се спроведува според ЕВРОСТАТ, тоа се меѓународните критериуми, треба да ги следиме. Што помалку политизирање на таквих процеси, тоа подобро. За жал, склони сме да политизираме се и си правиме штета сами на себе. Ако ги гледаме објективно работите зошто ни требаат тие постапки, би би имале друг пристап. Јас сум склон на деполитизирање на процесите“, потенцираше тој.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, претходно најави дека целта е следниот попис во 2030 година да се спроведе преку административни извори и дигитални алатки. Директорот на Статистика, Дејан Станков, појасни дека дотогаш ќе се работи на усогласување на регистрите за точно детектирање на резидентното население.

