Собранието работи максимално експедитивно на реформската агенда и досега нема застој во гласањето на законите што пристигнуваат во архивата, истакна на денешниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието, Африм Гаши. Според него, брзината на процесот зависи од капацитетите на министерствата и комуникацијата со Европската комисија.
„Собранието работи експресно на реформската агенда. Процесот е посложен бидејќи министерствата ги изготвуваат законите, ги праќаат во ЕК на сугестии, па ги инкорпорираат забелешките пред да стигнат кај нас. Штом ќе се достават во Собранието, ние ги решаваме многу ефикасно“, изјави Гаши.
Тој додаде дека веќе се пристигнати два клучни закона – за Јавни обвинители и за Советот на јавни обвинители, кои веднаш ќе бидат процесуирани до пратениците. Гаши очекува до крајот на годината темпото на носење реформски закони дополнително да се засили.

