Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка до граѓаните по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Во своето обраќање, тој нагласува дека македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку и клучна алка за функционирање на институциите.

„Почитувани сограѓани Македонци, во име на Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име, ви ги упатувам моите најискрени честитки по повод Денот на македонскиот јазик. Македонскиот јазик претставува еден од столбовите врз кои се гради нашата заедничка држава. Покрај тоа што овозможува комуникација, македонскиот јазик е и средство за институционално функционирање и службена комуникација во нашата земја“, се вели во честитката од Гаши.

Гаши во пораката истакнува дека македонскиот јазик како дел од јужнословенската група е високо развиен во науката, книжевноста и образованието. Тој додава дека заедно со албанскиот јазик и останатите јазици во регионот, македонскиот јазик придонел за оформување на балканистиката како посебна дисциплина.

„Во едно мултиетничко општество како нашето, почитувањето на јазиците и културите на сите заедници е темел на кохезијата и соживотот. Промоцијата на македонскиот јазик оди паралелно со нашата посветеност да ги гарантираме јазичните права на секој граѓанин, градејќи мостови на разбирање и меѓусебна почит“, потенцира Гаши.

Претседателот на законодавниот дом заклучува дека Собранието останува на патот на унапредување на институционалните стандарди и ги повика сите граѓани заеднички да работат на зачувување и промоција на јазикот, како и на зајакнување на единството во државата.

Exit mobile version