Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со министерката за семејство и социјални услуги на Република Турција, Махинур Оздемир Ѓокташ.

Од собраниската прес-служба информираат дека на средбата се разговарало за социјалната политика, заштитата на семејството и можностите за унапредување на билатералната соработка.

„Претседателот Гаши изрази големо задоволство за можност да се сретне со министерката Ѓокташ и да разговараат за семејните вредности како цивилизациска определба. Тој истакна дека социјалната политика и прашањата поврзани со заштитата и зајакнувањето на семејството имаат развиено широк спектар на политики и услуги насочени кон семејствата, жените, децата, лицата со попреченост, старите лица и другите ранливи категории. Нашата земја е подготвена за размена на искуства и добри практики со Турција во овие области, особено во делот на развојот на достапни и квалитетни социјални услуги во заедницата“, се наведува во соопштението.

Гаши посочи дека парламентарната дипломатија може дополнително да придонесе кон подобрување на односите меѓу двете земји.

„Тој изрази уверување дека парламентарната дипломатија може да одигра значајна улога во дополнителното зајакнување на билатерални односи и да отвори простор за нови форми на институционална соработка меѓу двете земји“, соопштуваат од Собранието.

Турската министерка Ѓокташ ја нагласи традиционалната поврзаност меѓу двете држави и ги претстави фокус-политиките на Турција.

„Министерката Ѓокташ истакна дека Република Северна Македонија и Република Турција негуваат силно традиционално пријателство и партнерство и имаат длабоко вкоренети историски и културни врски. Истакна дека Турција следните десет година ги прогласила за Деценија на семејството и населението со фокус кон зајакнување и заштита на семејството и децата, поттикнување на бракот, особено кај младите како и зголемување на наталитетот и поддршка за родителите“, стои во соопштението.

На средбата беше заклучено дека е потребна постабилна соработка на сите нивоа.

„Двајцата соговорници се согласија дека е потребна поголема заштита и зајакнувањето на семејството и семејните вредности, имајќи предвид дека станува збор за области од големо значење за двете општества. Потребна е поголема соработката на сите нивоа, со оглед на тоа што одржувањето на интензивна комуникација на високо ниво значајно придонесува за унапредување на севкупните односи меѓу двете земји“, информираат од собраниската прес-служба.

Exit mobile version