Претседателот на Собранието, Африм Гаши, присуствуваше на централната манифестација во Охрид по повод 18 Август – Денот на Армијата.
На настанот, спикерот Гаши упати благодарност до сите припадници на вооружените сили за нивната посветеност и пожртвуваност во служба на државата.
„Силна, професионална и модерна Армија е столб на демократската држава, суверенитетот и институционалната стабилност. Во регион кој многу добро ги познава последиците од конфликтите, безбедноста се гради преку одговорна сила, соработка и доверба. Како членка на НАТО, Република Северна Македонија не придонесува само за сопствената безбедност, туку и за безбедноста на сојузниците и за зачувување на мирот и стабилноста во регионот и пошироко. Затоа, инвестирањето во Армијата е инвестиција во демократијата, мирот и посигурната европска иднина на регионот“, истакна претседателот Гаши.
Во рамки на манифестацијата, на претседателот на Собранието му беше врачена и Големата плакета на Армијата. Признанието му го додели началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

