Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Г7 на последниот ден од состанокот во Нијагара, на канадско-американската граница, истакнаа дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина и да вршат притисок врз Русија. Во рамки на тоа, Канада објави нови санкции насочени кон Москва.

На денешниот состанок присуствуваше и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, кој ги повика земјите од Г7 да продолжат да вложуваат во производство на ракети и дронови, како и во противвоздушната одбрана на Украина.

Украина сака да види крај на војната што е можно побрзо. Рускиот претседател Владимир Путин и понатаму се залажува, мислејќи дека може да победи, истакна Сибиха.

Канада воведе нови санкции насочени кон производството на дронови и приходите од извозот на гориво. Санкциите опфатиле 13 поединци и 11 ентитети, меѓу кои и неколку руски компании специјализирани за течен природен гас, бидејќи Русија се потпира на приходите од енергенсите за финансирање на својата агресија врз Украина. Дополнително, санкции се воведени и за 100 бродови на руската тајна флота за извоз на енергенси.

САД, ЕУ и Велика Британија веќе воведоа слични мерки.

Канада ќе продолжи да го зголемува притисокот преку санкции во координација со своите сојузници и партнери сè додека Русија не ја заврши својата неоправдана инвазија на Украина, изјави канадската министерка за надворешни работи Анита Ананд.

На состанокот беа поканети и претставници на Австралија, Бразил, Индија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Мексико и Саудиска Арабија.

Покрај ситуацијата во Украина, на дневен ред беа и американските операции против трговијата со дрога во Карипско Море и Пацификот, конфликтот во Судан и ситуацијата во Појасот Газа. Во последните денови, САД извршија серија напади во Карипско Море врз бродови за кои тврдат дека превезуваат дрога, при што загинаа 76 лица.

Италија иницираше дискусија за Судан, нагласувајќи ја важноста од зголемување на протокот на хуманитарна помош за африканската држава, каде во граѓанската војна загинаа десетици илјади луѓе, а околу 12 милиони се раселени.

Г7 инсистира на добивање мандат од Советот за безбедност на ОН за да се обезбеди брзо спроведување на мировниот план за Појасот Газа, изјави германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул.

Exit mobile version