Фондот за здравство (ФЗОМ) ги усвои промените со кои се крати боледувањето од матичен лекар од седум на пет дена. Управниот одбор на ФЗОМ ваква одлука донел на денешната седница, а според соопштението, ако здравствената состојба на пациентот после петтиот ден не се подобрува, тогаш тој ќе биде упатуван на дополнителни испитувања а до 15 дена матичниот лекар ќе биде надлежен за утврдување на привремената спреченост за работа.
Со измените во Правилникот за боледувања, ФЗОМ вовел интервенирал и во други работи: за дел од дијагнозите пациентот немало да има потреба да биде упатен на лабараториски испитувања како досега туку проценката ќе можело да ја направи матичен лекар, за дел од дијагнозите се проширува временската рамка предвидена со критериумите. После 15 дена, предлогот за привремена спреченост за работа матичниот лекар ќе го доставува електронски, наместо рачно.
Се прошируваат случаите во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот, особено кај тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, лица на болничко лекување, како и во други оправдани случаи. Кај хроничните заболувања ќе може да се користат постојните дијагностички наоди, доколку се во предвидениот период на важност, без непотребно повторување на истите испитувања. Се прецизираат условите за ретроактивно утврдување на боледувањето во оправдани случаи, меѓу кои по завршено болничко лекување. За бремени жени и доилки се предвидува олеснување во однос на радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење, кога здравствената состојба е соодветно потврдена со специјалистички извештај. Кај определени тешки заболувања се предвидуваат исклучоци од обврската за конзилијарно мислење кај боледувањата подолги од 60 дена, велат од ФЗОМ.


