Фридом хаус: Назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата во С Македонија

Македонија покажува назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата. Извештајот на Фридом хаус, насловен како „Државите во транзиција“ предупредува на долготрајната корупција на високо ниво во земјава. Забележува и судир на партиите околу уставните амандмани за внесување на Бугарите во Уставот кои се потребни за продолжување на патот кон ЕУ.

Во делот на Македонија пишува дека надежите за резултати во делот на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал се појавиле по симнувањето од власт на, како што се наведува, антидемократскиот премиер Никола Груевски.

„За разлика од Украина или Молдавија, Северна Македонија не презеде значајни чекори за елиминирање на корумпираните мрежи на дејствување, а моќта продолжи да осцилира меѓу коалициите на неколку партии“, се вели во извештајот.

Фридом хаус пишува дека националистичката партија на Груевски ја опструирала работата на парламентот додека била во опозиција и дека сега е фаворит за победа на претседателските и парламентарните избори во 2024 година.

Од организацијата наведуваат дека ниту Груевски, ниту неговите најблиски соработници не се изведени пред лицето на правдата за злоупотребите на функцијата пред 2017 година.

„Уште полошо, контроверзните измени во Кривичниот законик од 2023 година ги намалија казните за такви злоупотреби, предизвикувајќи отфрлање на значајни случаи, додека јавноста беше вознемирена со фатални корупциски скандали во здравството“, се вели во документот.

Се наведува и дека годината беше обележана и со поларизирачка парламентарна дебата за уставните амандмани потребни за отстранување на ветото на Бугарија за кандидатурата на земјата за пристап во ЕУ.

Во извештајот Северна Македонија, заедно со Црна Гора е во категоријата „циклични хибриди“ во кои редовните промени на владејачките елити спречуваат значителни структурни промени.

„Дефинитивната карактеристика на цикличните хибриди е комбинација на вистински политички плурализам и површни институционални промени. Тие имаат тенденција да заостануваат во однос на реформите насочени кон воспоставување силни бариери помеѓу јавниот сервис и приватната добивка. Затоа е од суштинско значење да се промовираат антикорупциски механизми и судски реформи во овие земји, а процесот на пристапување во ЕУ има важна улога во овој поглед“, се објаснува во извештајот.

11.04.2024 - 10:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега