Премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, синоќа извршија обиколка на главниот град. Обиколката следи откако Центарот на Скопје и кејот на Вардар викендов повторно беа чистени со вода.

Градоначалникот Ѓорѓиевски, преку социјалните мрежи, ја истакна состојбата во градот:

„Вечерна обиколка на Скопје со премиерот Христијан Мицкоски. Сега конечно личи на метропола, како што доликува. Улиците и плоштадите чисти, полни со посетители – ја нема онаа лоша слика на која навикнавме. И никогаш повеќе нема да се повтори!“

Тој додаде дека е посетен и просторот на Луна Паркот, за чија реализација наскоро ќе започне постапка.

„Го посетивме и она што долги години му треба не само на Скопје, туку и на Македонија – Луна Паркот за кој наскоро започнуваме постапка за негова реализација“, соопшти Ѓорѓиевски.

Премиерот Мицкоски, исто така, даде свој коментар за посетата:

„Вечерна обиколка на плоштадот и дел од Градскиот парк. Се беше чисто и средено како што доликува за нашето Скопје! Го посетивме и Луна Паркот за кој наскоро се започнува постапка за негова реализација.“

Градоначалникот Ѓорѓиевски информираше и за добиена донација за осветлување на Камениот мост. Донацијата од турска општина изнесува 9 милиони денари. За реализација на проектот се чека одобрение од министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Ѓорѓиевски, исто така, посочи на проблемот со одржувањето на јавната хигиена, конкретно жалејќи се дека контејнерите често се расипуваат, што генерира високи трошоци за нивна поправка.

Exit mobile version