(ФОТО) Петровска – Ендрусјак: Вежбата „Swift Rеsponse“ го покажа големиот потенцијал на Криволак

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска во Министерството за одбрана остварија средба со заменикот командант на копнените сили на САД за Европа и Африка, генерал мајор Петер Ендрусјак.

Петровска на средбата изразила благодарност за присуството на генералот на досега најголемата вежба „Swift Response 22“ одржана во Република Северна Македонија и задоволство од денешниот приказ и реализација на Армискиот полигон „Криволак“.

Таа најавила дека ќе се продолжи со сериозни инвестиции на овој полигон кој ќе нуди можност за изведување и реализација на различни видови вежбовни активности и на кој може истовремено да се зајакнува интероперативноста помеѓу армиите.

– Продолжуваме со инвестиции во Криволак, во модернизација на опремата, но најважно инвестираме во човечките капацитети во нивна висока мотивација. Овие нешта се високо на агендата на Министерството за одбрана и на Генералштабот, потенцирала министерката Петровска, соопштија од МО.

Петровска ја истакнала улогата на САД како наш стратешки партнер, сојузник и пријател, преку разни иницијативи во одбраната, но и на севкупната политичка поддршка во поглед на членството во НАТО и ЕУ.

Кон крајот на овој месец, информирала, нашите две земји ќе го започнат Стратегискиот дијалог кој опфаќа широк спектар на теми и кој уште повеќе ќе го подигне нивото на соработка.

12.05.2022 - 17:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега