(ФОТО) Левица: Узурпирани тротоари и преполни паркинзи во Аеродром

 

Уште едно неостварено ветување на градоначалникот Муцунски го нарушува и онака лошиот квалитет на живеење во општина Аеродром, велат од партијата Левица.

„Имено, поради недостиг на паркинг места, возачите се снаѓаат на свој начин и автомобилите ги паркираат на тротоарите, оневозможувајќи го движењето на пешаците. Додека бројот на згради во општината постојано расте, бројот на паркинзи опаѓа. Градоначалникот Муцунски имаше големи предизборни ветувања за изградба на нови паркинзи, но освен што воведе зонско паркирање во најголем дел од општината не направи нити едно ново паркинг место“, истакнуваат од партијата.

Како што посочуваат, во општина Аеродром расте бројот на жители и автомобили, но за пропорционален раст на паркинг местата преку изградба на монтажни паркинзи, катни гаражи и сл. не станува нити збор.

„Резултатот е узурпација на тротоарите и загрозување на животот на пешаците кои се принудени да се движат по банкините. Од тие причини советниците на Левица во општина Аеродром ќе поднесат иницијатива за поставување на столпчиња на тротоарите со цел заштита на безбедноста на пешаците. Со тоа сигурно ќе се зголеми притисокот на жителите кои немаат можност каде да ги паркираат своите возила. па се надеваме дека конечно градоначалникот Муцунски ќе се разбуди од летаргијата и ќе почне да ги решава проблемите на граѓаните во општината со која самиот тој раководи“, завршуваат од Левица.

20.09.2023 - 17:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега