Викендов се трагаше по 39-годишниот Виктор Илиоски од Прилеп, а потрагата за жал заврши со тажен крај. Прилепчанецот кој беше пријавен за исчезнат, беше пронајден починат, а роднини и пријатели се простуваа од него на социјалните мрежи.


Претходно МВР информираше дека на 15 февруари 2026 година во 16:15 часот во ОВР Прилеп, Д.И. (69) од Прилеп пријавил дека од домот се оддалечил неговиот син В.И. (39).
Семејството објави апел за помош велејќи дека на Виктор му се губи секаква трага. Неговата мајка Роза напиша дека пат бил виден околу 14 часот во саботата и дека носел тегет јакна, црни тренерки и сиви патики.

За жал, по дводневната потрага, мајката на Виктор објави посмртна објава со која официјално информира дека тој ненадејно починал на 16 февруари 2026 година во 16 часот.

Инаку, на социјалната мрежа Фејсбук, последната објава на прилепчанецот е од 23 јануари годинава. Тој напишал “Кога не се чуствуваш баш добро, а мора…” објавувајќи своја селфи фотографија.

Погребот се изврши вчера на Новите градски гробишта во Прилеп. Телото беше изложено во капелата од 12:00 до 13:00 часот, а Виктор зад себе остави мајка, татко, брат и ќерка.

– „Денеска (16.02.2026) во 16:00 часот во СВР Битола пријавено е дека во кругот на ГОБ Прилеп пронајден бил В.И. (40) од Прилеп без знаци на живот. Лицето на 15.02.2026 година било пријавено за исчезнато лице. Од Итна медицинска помош била констатирана смрт, известен е јавен обвинител по чија наредба телото е дадено на обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти полицијата.

Exit mobile version