Мотоциклист од Гостивар бил фатен како вози со 188 километри на час на автопатот Гостивар – Тетово, на делница каде што максималната дозволена брзина е 80 километри на час.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, случајот бил регистриран на 15 октомври, околу 16:20 часот, кога полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот, со помош на специјално полициско возило – пресретнувач, го забележале мотоциклот „Јамаха“ со гостиварски регистарски ознаки.
Возачот, 27-годишниот В.Б. од Гостивар, бил лишен од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик. Од МВР информираат дека се преземени соодветни мерки и дека против него ќе следува постапка согласно законот.
Од Министерството најавуваат дека продолжуваат со засилени сообраќајни контроли со пресретнувачи низ државата, со цел откривање и санкционирање на возачите кои ги прекршуваат сообраќајните правила.
Од МВР потсетуваат дека непочитувањето на ограничувањата на брзината е една од главните причини за сообраќајни незгоди со тешки последици и апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

