Првиот човек на Интегративците од Мала Речица, Али Ахмети сериозно размислувал да се повлече од активна политика, објави медиумот на албански јазик „Фол“.

Како што пишува медиумот, повикувајќи се на информации од внатре од партијата ДУИ, Ахмети веќе разговарал за оваа одлука со дел од своите најблиски соработници, како и со политички партнери од Албанија и Косово.

Конечната одлука се очекува да биде објавена по завршувањето на вториот круг од локалните избори, со цел да не се влијае врз исходот за кандидатите на партијата.

Засега нема официјален коментар на оваа информација од ДУИ и од Ахмети, кој се нема огласено во медиумите и социјалните мрежи по првиот изборен круг на 19 октомври, на кои коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, победи само во Липково и во Пласница. Во Пласница, коалицијата ВРЕДИ не предложи кандидат, пишува „Фол.мк“.

Оставка од Ахмети по првиот круг од локалните избори, а особено по поразот во Чаир, побараа челниците на ВРЕДИ. Кандидатот на ДУИ Бујар Османи кој загуби од Изет Меџити од ВРЕДИ во Чаир, напиша на Фејсбук дека „Али Ахмети е и останува неоспорен идеолог и лидер на Албанците“.

Exit mobile version