„Finance Think“: 60 отсто од регистрираните невработени лица се без одредено занимање, со ниско или без образование

 

На македонскиот пазар на труд постои вишок на работници кај професиите со повисоки квалификации, со исклучок на работниците од информатичко-телекомуникациски дејности. Се достигнува максимум во образовните (педагошките) занимања, каде на едно слободно работно место има до 71 невработено лице. Од друга страна, за шест од осум занимања со пониски квалификации недостигаат работници, што е особено изразено за услужните и основните работници.

Ова се дел од резултатите од анализата „Предуслови за мобилност на работната сила при регионална економска интеграција: Предности и недостатоци од македонска перспектива“, што ја публикуваше „Finance Think“. Целта на оваа студија е да се процени потенцијалот за мобилност на работната сила при подлабока регионална економска интеграција, преку квантитативна анализа на јазовите во занимањата и платите, од перспектива на Северна Македонија. Главниот наод од студијата, како што се наведува, е дека подлабокото регионално интегрирање на пазарите на труд во Западниот Балкан носи предности, но и закани.

Во анализата се посочува дека речиси 60 отсто од регистрираните невработени лица се без одредено занимање, со ниско или без образование. Оттука, како што се наведува, подлабоката регионална интеграција на пазарот на труд може да поттикне мобилност која ќе го зголеми достапниот сет вештини на пазарот, а за лицата во суфицитарните занимања со повисоки вештини ќе понуди повеќе можности за вработување и заработка.

Резултатите понатаму се фокусираат на разликите во платите меѓу Северна Македонија и Србија, со оглед дека повисоките плати се една од главните причини за мобилност на трудот. Пресметките покажаа дека во соседна Србија премијата за плата во однос на Северна Македонија е многу мала, речиси незначителна и оттука нема да предизвика значајна мобилност на македонските работници. Сепак, за секторите кои се од сезонска природа и имаат циклична потреба од работници, може да се појават значајни разлики во платите. Со оглед дека занимањата со пониски вештини се истовремено и дефицитарни на македонскиот пазар на труд, подлабоката регионална интеграција може да доведе до продлабочување на недостигот од вакви работници.

Од „Finance Think“ информираат дека иако регионалната економска интеграција има свои предности во поглед на мобилноста на работната сила, поважно е да се направат структурни реформи во домашната економија, со цел намалување на разликите во понудата и побарувачката на работна сила и задоволување на потребите на пазарот на труд, пред се со домашни работници. За таа цел, како што наведуваат, нашите препораки се во насока на приспособување на политиките на пазарот на труд за да се спречи зголемувањето на работниците во суфицитарните занимања и креирање образовни политики со цел насочување на работници во дефицитарните занимања.

Според „Finance Think“, генерално, регионалната економска интеграција која што се темели на четирите основни начела за слободен проток на капитал, стоки, услуги и луѓе, им помага на земјите да ги надминат ограничувањата на економскиот раст создадени од лошата инфраструктура, неефикасните политики, географската припадност и демографските промени.

-Слободното движење на работниците е една од клучните слободи на регионалната економска интеграција која ја зголемува мобилноста на работната сила регионално и/или на меѓународно ниво, во потрага по пристап до пазарот на трудот во земјата на иселување. Според последните податоци, речиси 162 милиони луѓе се преселиле во друга земја во потрага по вработување, а очекувањата се дека овој тренд ќе продолжи, главно поради јазот во платите меѓу земјите, брзото стареење на работната сила во некои земји и технолошкиот развој што им олеснува на иселениците да останат поврзани со своето семејство, се вели во соопштението од „Finance Think“. 

22.09.2023 - 12:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега