Министерот за правда Игор Филков денес учествуваше на одбележувањето на значајниот јубилеј по повод90-тата средба на правниците, организирана од Македонското здружение на правници.
Обраќајќи се пред присутните правни експерти, професори, судии, обвинители, адвокати и млади правници, министерот Филков истакна дека оваа традиција претставува мост меѓу правната наука и практиката, меѓу различните правни професии и генерации кои веруваат во моќта на правото како темел на демократијата и општествениот поредок.
,,Граѓаните денес бараат правосудство што е ефикасно, непристрасно и достапно. Бараат судски одлуки што доаѓаат на време, обвиненија што се темелат на факти и докази, а не на претпоставки, институции што работат за јавниот интерес, а не за поединци. Како Министерство за правда, сме целосно посветени на остварување на овие очекувања. Затоа ги започнавме реформите во судството, во Судскиот совет, во Советот на јавните обвинители и Јавното обвинителство. Во континуитет ги усогласуваме законите со европските стандарди и препораките на Венецијанската комисија – за што добивме позитивни коментари од истата, со препораките на ГРЕКО и Европската комисија. Тоа е сеопфатен процес што би сакале да се воспостави како пракса отсега па натаму. Но, реформите не се само закони – реформите се луѓе. Законот може да биде одличен, но ако нема интегритет, знаење и одговорност кај оние што го применуваат – тој останува само буква на хартија”,рече министерот за правда Игор Филков.
Министерот Филков ја истакна и важноста на вклучувањето на младите правници, кои не се само „иднината“, туку „сегашноста што доаѓа“.
„Наша должност е да им дадеме знаење, алатки и пример за чесност, професионализам и служба на правдата,“ додаде министерот, повикувајќи наотворена дискусија за новите предизвици што ги носи дигиталната ера – од заштитата на човековите права до примена на вештачката интелигенција во правосудството.

