Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање посочи дека случајот со унгарскиот кредит отвора сериозни сомнежи и прашања кои треба да бидат предмет на интерес и на јавноста и на институциите, за тоа кој ги зел провизиите.
„Станува збор за кредитот од една милијарда евра, за којашто Христијан Мицкоски кажуваше дека доаѓа од европска земја. Но, и анализите тогаш коишто ги извадивме од банките укажаа дека потеклото на парите е всушност кинеско.“, рече Филипче.
Тој појасни дека ова прашање сега го актуализира новиот унгарски премиер Петар Маѓар, којшто најавува обелоденување на многу детали на коишто и на унгарската јавност не ѝ биле достапни и не им биле јасни.
„Тоа значи дека ќе се постави прашањето како нашата влада, уште неформирана, по победата на изборите во 2024 година отидоа кај Орбан. Дали тогаш договарале кредит од една милијарда евра? Второто прашање е каде завршиле провизиите од тој кредит. Според познавачите и професионалците во банкарскиот сектор, провизија на кредит од една милијарда евра може да изнесува неколку десетици милиони евра до сто милиони евра. Тоа ни го кажуваат нас експертите. Дали некој зел провизија?“, потенцираше Филипче.
Филипче отвори и прашања поврзани со распределбата на средствата и можните злоупотреби.
„Зошто се зема кредит да се финансираат само одредени компании, економски субјекти? Зошто сите ние да плаќаме од нашите даноци пари коишто ги субвенционира компанијата којашто ги земала дел од тие кредити? Зошто некои други компании коишто не зеле кредит преку своите даноци плаќаат кредити за други компании? Каде е тука логиката? Дали честото одење на авионот во Будимпешта е поврзано со кредитот? И тоа е прашање коешто ќе се отвори многу скоро во Унгарија. Така што, многу нелогичности околу тој кредит, но времето ќе покаже сè.“, потенцираше преседат на СДСМ, Венко Филипче.


