Претседателот на Градската организација на СДСМ, Александар Давчевски, денеска упати критики до градоначалникот на Скопје во врска со состојбата со комуналната хигиена во главниот град. Според него, градот е претворен во депонија, а ветените решенија се покажале како популизам.
„Сликата на нашето Скопје денес не бара никакви политички анализи. Сликата на Скопје денес е одвратна, смрди на распаѓање, на неспособност и на евтин предизборен популизам. Скопје е претворено во депонија, контејнерите претекуваат, ѓубрето е расфрлано по улиците и тротоарите“, изјави Давчевски.
Тој јавно го запраша градоначалникот каде исчезнало неговото клучно ветување дека Скопје ќе биде исчистено во рекорден рок.
„Градоначалник, каде ви исчезнаа оние фамозни 72 часа? Човекот кој ја доби довербата на скопјани на едно клучно и арогантно ветување дека само за 72 часа ќе го исчисти Скопје“, рече претседателот на ГО СДСМ.
Давчевски посочи дека ЈП Комунална хигиена е во хаос и дека наместо системски решенија, граѓаните добиле само ПР-активности на социјалните мрежи.
„Добивме спектакуларен PR и сликање со лопати и метли за социјалните мрежи, додека реалноста ни е сосема поинаква. Системот целосно колабираше. Наместо реорганизација, ЈП комунална хигиена е во хаос, а градот е оставен на милост и немилост“, нагласи тој.
На крајот, тој предупреди дека со затоплувањето на времето, нечистотијата станува директна закана за здравјето на граѓаните.
„Кога чистењето трае 72 часа тоа е акција, но кога ѓубрето се враќа по 72 часа тоа е неспособност. Скопјани не плаќаат даноци за вие да терате PR, туку за да добијат, замислете, основна, елементарна и цивилизациска услуга, чист град“, заклучи Давчевски.


