Филипче: ВМРО-ДПМНЕ ја враќа политика на евтина работна сила

„ВМРО-ДПМНЕ ја враќа старата политика во која Македонија е рај за евтина работна сила, а каде вработените се секогаш на второ место.“
 
Ова го рече претседателот на СДСМ, проф. д-р Венко Филипче на денешниот брифинг со медиумите на кој меѓу другото се осврна и на лошите економски политики кои ВМРО-ДПМНЕ ги спроведува уште на почетокот од својот мандат, а кои само го намалуваат стандардот на граѓаните.
 
ВМРО-ДПМНЕ не предвидува покачување на платите практично во ниту еден сектор, ниту во образованието, ниту во здравството, ниту за полицијата, ниту за Армијата, а не се почитуваат ниту обврските од општиот колективен договор и нема да има зголемување ниту на минималната плата на 450 евра, како што бараа синдикатите.
 
„Ќе се покачуваат плати само по потреба и за поткуп, не постојано и систематски. Ова многу силно ќе им се удри од глава“, рече Филипче на брифингот.
 
Тој потсети дека со ова ВМРО-ДПМНЕ ја суспендира политиката на континуирано зголемување на платите, за разлика од СДСМ која го цени и го вреднува трудот на работниците и со правилни политики успеа просечната плата да ја издигне на историски најголеми досега 40.000 денари и покрај сите глобални економски и здравствени предизвици.
 
„Во 2024 година луѓето бараат подобри услови за работа, бараат повисоки плати, бараат можности - не бараат некој да ги понижува и третира како евтина работна сила“, рече Филипче.
 
Филипче на брифингот рече и дека очекува целосно деградирање на правата на работниците бидејќи деновиве беше најавено и укинување на недела како неработен ден.
25.07.2024 - 12:17

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега