Филипче: ВМРО-ДПМНЕ ја доведе економијата на колена, граѓаните се погодени
Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ изминатиов период со погрешни економски политики донесе огромна социјална несигурност и наместо да се бори државата да остане на патот на економскиот раст и да има раст на платите, води погрешни и неуспешни економски политики, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз и пратеник, Венко Филипче, на денешната прес-конференција во Собранието на Република Северна Македонија задно со пратеничката група на СДСМ и коалицијата.
Филипче нагласи дека и Светска Банка во последниот полугодишен извештај нотираше дека оваа година ќе заврши со економски раст од само 1,8 проценти што е значително под очекуваните 2,5 проценти, додека проекцијата за следните две години е дека државата ќе има најниска стапка на раст во регионот.
„Денес, просечната плата е намалена за 1.000 денари, мерките за намалување на цените не ги дадоа посакуваните резултати, а трошоците за живот постојано растат. Владата не презема конкретни мерки за покачување на платите, и со тоа ги става работниците и нивните семејства во многу тешка економска и социјална положба. Ветуваа дека ќе ја зголемат минималната плата, но реалноста е поинаква не само што нема најава за тоа, туку ситуацијата се влошува. Потрошувачката кошничка во септември 2024 година достигна 61.306 денари, цените на основните прехранбени производи растат, а куповната моќ на граѓаните значително е намалена“, рече Филипче.
При тоа, Филипче потенцираше дека сериозен проблем за македонската економија е повратот на ДДВ, односно дека долгот на УЈП кон компаниите е од 250 до 300 милиони денари, што не се има случено во последните седум години.
„ВМРО ДПМНЕ ја враќа економијата во ерата на селективно плаќање и исплаќање на ДДВ карактеристика и пракса до 2016 година. Сите овие индикатори потврдуваат дека Владата не создава подобри услови за стопанството и раст на економијата. Ова говори само за неодговорно менаџирање со парите на граѓаните, наместо тоа гледаме само зголемување на трошоците за живот“, порача Филипче.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа