Филипче: Обезбедивме 833 илјади дози за 400 илјади граѓани кои два пати ќе се вакцинираат во текот на месец март

 

Владата на вчерашната седница донесе Одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и фондовите, од кои дел ќе бидат наменети за набавка на вакцини против Ковид-19. Според најавите, досега се обезбедени 833 илјади дози вакцини против коронавирусот, со кои ќе бидат вакцинирани 400 илјади граѓани.

Од нешто повеќе од 1,3 милијарди денари, односно околу 20 милиони евра, кои ќе бидат реалоцирани помеѓу буџетските корисници, еден дел ќе бидат наменети за обезбедување дополнителни средства за зајакнување на фондот за набавка на вакцини против КОВИД-19, како и за исплата на еднократен паричен надомест за медицински лица и помошен персонал ангажирани во лекувањето на пациенти заболени од Ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера за време на средбата на премиерот Зоран Заев со претставници на сите партии членки на владината коалиција, информира дека нашата земја го потпиша Ковакс групниот механизам, преку Светска здравствена организација за рамномерна распределба на вакцините против Ковид-19 во сите земји.

– Обезбедивме 833 илјади дози за 400 илјади граѓани кои два пати ќе се вакцинираат во текот на месец март. Сите вакцини кои се дел од Ковакс системот се со докажани добри ефекти и соодветна количина на анти-тела, истакна министерот Филипче.

Според последините податоци на Министерството за здравство, објавени синоќа, во деноноќието меѓу петокот и саботата биле регистрирани 982 нови случаи на Ковид-19, оздравеле 556 пациенти, а починале 19 лица. Меѓу починатите се и 41-годишен лекар од тетовско Боговиње, како и 72-годишен затвореник од Казнено-поправниот дом „Идризово“, кој имал тешка форма на дијбетес, поради што му била ампутирана ногата.

Со последните податоци, вкупната бројка на ковид дијагностицирани пациенти во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 73025, на оздравени 8726, на починати 2096, а бројот на активни случаи изнесува 22203.

Инаку, до вчера на инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава беа хоспитализирани 1301 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, при што имаше околу 190 празни болнички кревети и се очекуваше да се ослободат дополнителни легла по исписите на оздравени пациенти.

Во деноноќието меѓу петокот и саботата во ковид центрите во Скопје биле хоспитализирани 37 нови пациенти поради компликации од корона вирусот, со што вкупниот број лица сомнителни и потврдени за КОВИД-19, кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град достигна 480. Во ковид центрите во болниците во останатите градови на земјава до вчера се лекувале 821 пациент позитивен и суспектен на корона вирусот.

Министерството за здравство информира дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка. Министерството воедно истакнува дека е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

 

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.12.2020 - 10:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа