Сите лаги на Христијан Мицкоски со кои со години ја манипулира јавноста за наводно загрозениот идентитет, јазик и национални интереси се разобличени, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Филипче нагласи дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен,  потврди дека европскиот пат на Македонија не го загрозува ниту идентитетот, ниту јазикот. Тој додаде дека на јавноста веќе и е јасно дека власта со своите политики ја држи државата во изолација.

„Сите лаги на Христијан Мицкоски паднаа во вода. Претседателката на ЕК кажа јасно и гласно, ве чекаме во Европска Унија со вашиот идентитет и вашиот јазик. Нема Христијан повеќе што да лаже. Не може повеќе да глуми патриот кој ги штити националните интереси, поради тоа што вистината е дека тие се заштитени и никој, никогаш, на ниту еден начин, нема да може да ни ги одземе. Христијан не е задоволен од посетата, нормално, затоа што претседателката Фон дер Лајен му ја одзеде лагата. Тој веќе таа лага нема да може да ја користи“, рече Филипче.

Тој додаде дека никој веќе не верува на приказните на Мицкоски и се потврди се што кажуваше СДСМ.

„Па, има ли некој што сè уште им верува? Има ли некој што верува дека овие луѓе, како што сакаат да се претстават, се патриоти, го штитат идентитетот, јазикот, културата итн. Кога од сите европски инстанци, а веќе и кај нас, созреа мислењето, се разобличуваат лагите и јасно е дека овие луѓе со лага дојдоа на власт, глумејќи патриоти, и сега со лаги сакаат на власт да останат. Се потврди сè што зборувавме до сега. Идентитетот зачуван, потврден со Преспанскиот договор. Јазикот потврден со договорот Фронтекс, потпишан на чист македонски јазик. И кој е сега предавник? Не е СДСМ“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ посочи дека Мицкоски со години ги плашеше граѓаните дека Преспанскиот договор ќе го загрози идентитетот, но откако дојде на власт не направи ништо од тоа што го ветуваше, дури го нарече ремек дело на дипломатијата.

„Велеше, идентитетот е загрозен, ќе го поништиме Преспанскиот договор, и што направи човекот? Ништо. Кажа дека Преспанскиот договор е ремек дело на дипломатијата. Претседателката Гордана Сиљаноска потврди дека Преспанскиот договор го штити нашиот национален идентитет“, рече Филипче.

Тој додаде дека Мицкоски и неговата Влада со години го кочи европскиот процес тврдејќи дека протоколите се дел од преговарачката рамка.

„Лажеа дека протоколите се дел од преговарачката рамка. За да веќе сега, после повеќе од 4 години, од првиот момент, кога требаше да се продолжат преговорите со Европската Унија, од првата посета на претседателката Фон дер Лајен кај нас, значи веќе пета година, Христијан и неговата банда нè кочи и не држи во место, сега кажуваат дека протоколите не се дел од преговарачката рамка“, рече Филипче.

Exit mobile version