За резултатите од контролите на откупот на различни производи информираше директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, кој соопшти дека за утврдените неправилности инспекторатот изрекол 30 инспекциски мерки и издал 17 платни налози, од кои три се платени, а за преостанатите 14 се води прекршочна постапка пред Прекршочната комисија во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Државниот инспекторат за земјоделство во тековната 2026 година, заклучно со 15 септември, има извршено вкупно 873 вонредни инспекциски надзори согласно Законот за земјоделство и рурален развој, кај регистрирани правни лица кои вршеле откуп на земјоделски производи“, изјави Ангеловски.
Тој информираше дека при контролите најчесто е констатирано откуп без договори со производителите, неисплатени обврски, непочитување на роковите за исплата, неистакнати ценовници, непоседување верификувани мерни инструменти и откуп без упис во регистарот на откупувачи.
„И во наредниот период, инспекторатот ќе продолжи со редовни инспекциски контроли кај откупувачите на земјоделски производи, со цел заштита на правата и интересите на земјоделските производители, а за сите утврдени неправилности ќе бидат преземени соодветни инспекциски мерки согласно законските прописи“, истакна директорот Ангеловски.


