Филипче: Државата е нашиот дом, борбата за иднината е заедничка обврска

 

Лидерот на македонската опозициска партија Венко Филипче упати честитка по повод 8 Септември - Денот на независноста во која повикува на политичко и државничко освестување. 

- Државата е на граѓаните. Таа е нашиот дом. Нашиот дом е нашето семејство, но и нашето маало, нашата општина, нашата заедница. За нашиот дом мора да се бориме сите. Македонија е и на тие што останаа овде, и на тие што заминаа, ама не заборавија. Мораме да ја чуваме оваа држава, затоа што немаме друга. Сакам да и порачам на власта, ова е земја на сите, за сите. Не е само ваша. Повикувам на политичко и државничко освестување. Патриотизам е да се бориш за чист воздух, а не да палиш депонии и да не преземаш ништо за тоа. Патриотизам е да помагаш на послабите и на посиромашните, а не да мислиш само на себе и да трошиш од државните ресурси за да нема доволно за граѓаните, вели Филипче.

Осврнувајќи се на она што е направено кога СДСМ беше на власт, Филипче оценува дека изминатата година државата не се движи во добра насока и е под закана од напуштање на деценискиот сон за интеграција, масовно иселување и економско девалвирање. 

- Државата не се брани само со знаме и химна, се брани и со фер институции и со праведно судство и со еднакви шанси за сите затоа што денес, заканата не е од оружје, туку од корупцијата, неправдата, дискриминацијата, сиромаштијата, вели Филипче.

Порачува дека сега е време да се направи чекор напред, да се обезбеди иднина што нема да зависи од тоа кој е на власт, туку каква држава сме изградиле.

- Нашата следна цел е членството во Европската Унија. Тоа го бараат сите граѓани затоа што се свесни дека ако сакаме стабилност, владеење на правото, заштита за работниците, подобри стандарди и економија што не зависи од политика, ова е единствениот пат. Денес сме на чекор од Европа. Тој чекор мора да го направиме сами, но заедно и обединето. Бидејќи јас верувам дека сите на крајот го сакаме истото, сигурна иднина на оваа држава и на нашите деца. Оваа борба не е ни лесна, ни брза, но е вредна. И ако 1991 се изборивме за независност, сега треба да се избориме за иднина, истакнува Филипче во честитката.

08.09.2025 - 11:01

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега