Со седум гласа „за“, Анел Фидоски е избран за нов шеф на Основното јавно обвинителство Скопје, победувајќи го досегашниот раководител Гаврил Бубевски кој освои пет гласа. Ова е епилогот од денешната седница на Советот на јавните обвинители.

Претседателот на Советот, Башким Бесими, по гласањето истакна дека изборот е легитимен и заснован на квалитетите на кандидатот. „Резултатите се јасни, доби седум гласа. На интервјуто покажа добри резултати и дел од членовите оценија дека треба да му се даде шанса. И ќе му ја дадеме таа шанса“, изјави Бесими. Тој појасни и дека неговиот глас „воздржан“ за Бубевски е вообичаена практика, иако инсистира тоа законски да се прецизира во иднина.

На седницата имаше поделени мислења. Членовите Ермон Незири и Светлана Стојковиќ го поддржаа Бубевски поради зголемената транспарентност и модернизација, додека Марјана Илиеска и Ардиан Демири застанаа зад Фидоски, истакнувајќи го неговиот авторитет и подготвеност за современи стандарди. Членот Кети Петкова најави дека не гласа за Бубевски бидејќи „треба да се даде можност на друг кандидат“.

Покрај изборот во Скопје, Советот едногласно со 10 гласа го избра Бесир Алиу за шеф на ОЈО Тетово.

Exit mobile version