ФЕНИ денес ги гаси печките, вработените на принуден одмор поради скапата струја

ЕУРОНИКЕЛ (поранешно ФЕНИ) од денеска ги гасне печките и ќе го прекине производството. Вчера се одржал состанок на менаџерскиот тим, на кој се донела одлука електро печката за производство на никел која од први јуни е на одржување, да се изгасне најдоцна до денес до 14:00 часот. Вработените да бидат испуштени на 70% плата.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски вчера соопшти дека ФЕНИ, односно „Еуроникел индустри“ ја гаси печката која три месеци се одржувала на енергетски минимум поради скапата струја.

Од компанијата за „Фокус” потврдија дека е точно, но и дека од средината на септември и работниците им се испратени на принуден платен одмор.

-Бидејќи долгорочно одржување на електро-печката во топла состојба не е препорачливо од техничка гледна точка и носи техничко-технолошки ризици, а во исто време се трошат огромни средства, а притоа не се генерираат никакви приходи, одлучивме плански да го стопираме напојувањето и сите ресурси да ги насочиме кон енергетски проекти кои имаат за цел да обезбедат електрична енергија за продолжување на производниот процес. Во меѓувреме, превземени се сите соодветни мерки, доколку дојде до поволна промена на пазарот на електрична енергија, или пак се обезбеди електрична енергија од страна на државата, по субвенционирана цена, подготвени сме во најкраток рок да го рестартираме процесот, одговорија од компанијата Еуроникел.

Инаку Еуроникели Индустри е најголем поединечен потрошувач на електрична енергија во државата, а струјата има најголем удел во производниот трошок. Еуроникел односно комбинатот во Кавадарци е втор најголем извозник и има еден од најголемите удели во Бруто домашниот производ на државата.

30.09.2022 - 10:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа