ФБИ упати официјална јавна благодарност до своите партнери од Одделот за сајбер криминал при Бирото за јавна безбедност на МВР на Северна Македонија, по повод успешното апсење на администраторот на илегалниот сајбер-маркетплејс „OLVX“.
Од американската служба истакнуваат дека оваа акција има историско значење бидејќи ја означува првата заедничка сајбер-операција координирана меѓу ФБИ и Северна Македонија.
Во своето официјално обраќање, од ФБИ нагласија:
„ФБИ им честита на нашите партнери од Одделот за сајбер криминал при Бирото за јавна безбедност на МВР на Северна Македонија за успешното апсење на администраторот на криминалниот маркетплејс OLVX.“
Според информациите од истрагата, платформата „OLVX“, која била активна во периодот меѓу 2023 и 2025 година, незаконски ги препродавала личните податоци (PII) и акредитивите за најава на жртвите преку над 1.500 продажни сметки. Од ФБИ посочуваат дека постоењето на овој маркетплејс директно ја загрозило дигиталната безбедност на илјадници американски граѓани кои се потпираат на интегритетот на сопствените кориснички сметки.
Заклучувајќи ја соработката, од ФБИ порачаа:
„Оваа акција ја означува првата сајбер операција некогаш координирана помеѓу ФБИ и Северна Македонија и ја рефлектира посветеноста на ФБИ да соработува со партнери ширум светот за заштита на американскиот народ во сајбер просторот.“
Оваа успешна операција се оценува како крупен чекор во глобалната борба против сајбер-криминалците и доказ за високата професионалност и доверба во македонските полициски служби на меѓународен план.


