Европската централна банка (ЕЦБ) подготвува целосно нов визуелен редизајн на евро-банкнотите, што претставува прва поголема промена од ваков вид за единствената европска валута.

И покрај сè поголемата застапеност на картичките и дигиталниот начин на плаќање, од ЕЦБ децидно порачуваат дека готовината нема да исчезне од употреба.

За идниот изглед на банкнотите се разгледуваат две главни теми: европската култура, со мотиви на познати личности од уметноста, музиката и науката, или пак природата, посветена на природните богатства.

ЕЦБ веќе спроведува јавно советување за граѓаните, а победничкото дизајнерско решение треба да биде официјално објавено во декември годинава.

Сепак, новите банкноти нема веднаш да заминат во оптек, а нивното реално воведување не се очекува пред 2029 година.

Директорката на одделот за банкноти во ЕЦБ, Дорис Шнеебергер, го спореди редизајнот со реновирање куќа, истакнувајќи дека не би се вложувало во нешто што наскоро треба да исчезне.

Според неа, целта е идните банкноти да бидат поблиски до граѓаните и да содржат современи безбедносни карактеристики за заштита.

Паралелно со ова, ЕЦБ работи и на воведување дигитално евро, кое исто така би можело да стане достапно од 2029 година како дополнување, а не замена за хартиените пари.

„Нашата цел е плаќањето со јавни пари секогаш да биде опција, било со готовина или со дигитално евро“, порача Шнеебергер, додавајќи дека граѓаните и понатаму ќе можат слободно да избираат меѓу готовина, дигитално евро или други начини на плаќање.

Ова ќе биде втор поголем редизајн, откако првите банкноти од 2002 година беа освежени со серијата „Европа“ од 2013 до 2019 година, додека новиот концепт ќе содржи вистински личности, птици и градби.

Exit mobile version