Европски самит за дигитализација на судството во Охрид
„Придобивките од 4-та индустриска револуција како механизам за враќање на довербата во правосудството” е темата на Европскиот самит за дигитализација на судството кој од денеска во наредните три дена ќе се одржи во Охрид во организација на Министерството за правда, а под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски.
На самитот, како што информираа организаторите, предвидени се поздравни обраќања на претседателот Стево Пендаровски, министерот за правда Никола Тупанчески, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадор Клеменс Која и Георг Става од Федерално министерство за правда на Австрија.
Првиот панел е насловен „Градење на политичка волја и овозможување одржливи извори за дигитализација на судскиот систем“ кој според организаторот, има цел преку презентациите и дискусијата да се стави фокус на постојните документи за политики за судска дигитализација, размена на индивидуални искуства и знаење за процесите на дигитална транзиција во нивните судски системи. Панелисти за оваа дискусија се еврокомесарот за проширување Оливер Вархejи, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, заменик министерот за правда на Турција Зекерија Биркан, министерот за правда и администрација на Хрватска Иван Маленица, министерот за правда на Босна и Херцеговина – Јосип Грубиша и претставник од Министерството за правда на Србија.
На вториот панел „Нужност од дигитална трансформација на правосудството“, според агендата, свои видувања и предлози ќе дадат државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, претседателката на Судскиот совет на Павлина Црвенковска, Георг Става од Федералното министерство за правда на Австрија, претседателот на Советот на јавните обвинители Антонио Јолевски и јавната обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска.
На останатите панели ќе се говори за придобивките од дигитализација во правосудството, користење на современи технолошки решенија за еднаков пристап до правдата, дигитализација, пристапот до правдата и судење на далечина, интероперабилноста помеѓу судството и државните органи и институции, дигитализација во функција на поефективна правда, регионалните искуства со дигиталната трансформација во правосудството, дигитализацијата како пристап во остварување на правосудната функција, …
Целта, појаснуваат организаторите, е преку презентациите и дискусијата да се посочат потребите и подготвеноста на судството и јавното обвинителство за прифаќање на дигиталниот пристап во работењето заради поефективна правда.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа