Европската агенција за лекови: Вакцината на „Астразенека“ нема поврзаност со случаите на згрутчување на крвта

 

Европската агенција за лекови (ЕМА) објави дека засега нема што да укажува на тоа дека луѓето вакцинирани со вакцината на „Астразенека“ имаат поголем ризик од згрутчување на крвта, коментирајќи ја одлуката на три европски земји привремено да ја прекинат употребата на оваа вакцина како претпазливост.

„ Досега достапните информации укажуваат на тоа дека бројот на тромбоемболизами кај вакцинираните лица не е поголем од оној забележан кај целото население“, се вели во изјавата на Европската агенција за лекови доставена до агенцијата „Франс Прес“.

Европското регулаторно тело соопшти дека европските земји можат да продолжат да ја користат вакцината на „Астразенека“, иако е отворена истрага за случаи на згрутчување на крвта поради што Данска, Норвешка и Исланд ја прекинаа имунизацијата со таа вакцина.

Позицијата на безбедносниот комитет на Европската агенција за лекови е дека „предностите на вакцината сè уште ги надминуваат ризиците и дека вакцината може да се продолжи додека трае истрагата за случаите на тромбоемболизам“, се вели во соопштението на ЕМА.

Данска, Исланд и Норвешка вчера објавија дека привремено ја прекинуваат употребата на вакцината против Ковид-19 на „Астразенека“ „како мерка на претпазливост“ поради стравувања поврзани со коагулација. Тие нагласија дека тоа го прават претпазливо додека чекаат заклучоци од здравствената истрага и дека засега не може да се заклучи дека постои поврзаност помеѓу вакцината и тромбите.

Според Европската агенција за лекови, само 22 случаи на тромбоза се пријавени до вторникот за повеќе од три милиони луѓе вакцинирани во зоната што ги вклучува ЕУ, Норвешка и Исланд.

Фармацевтската компанија Астраженета, која ја разви вакцината во соработка со Универзитетот во Оксфорд, укажа на безбедноста на нејзиниот производ.

Макфакс

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.03.2021 - 09:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега