Европа бара итен прекин на хуманитарната криза во Газа

 

Парламентарното собрание на Советот на Европа, со седиште во францускиот град Стразбур, денеска го одобри предлогот со кој се повикува на итен прекин на хуманитарната криза што ги погодува палестинските деца и жени, како и заложниците во Појасот Газа.

Предлогот беше усвоен со 90 гласа „за“, 18 „против“ и 14 „воздржани“.

Се нагласува дека израелските напади врз Газа во текот на изминатата година резултираа со „незамислива“ хуманитарна криза, со многу смртни случаи, вклучително и меѓу здравствените и хуманитарните работници.

Нагласена е и потребата од заштита на цивилите и обезбедување на основни потреби, при што се повика на отворање на неколку пристапни рути за испорака на хуманитарна помош во регионот.

Се додава дека Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци (УНРВА) треба да продолжи со својата работа во областа и се повикува на ослободување на затворениците.

Ирската делегатка Фиона О’Лофлин, говорејќи за време на парламентарната дебата, рече дека речиси секој ден по десет деца губат екстремитети и дека 20.000 деца од Газа сега се сирачиња.

Таа посочи дека повеќе од 96 отсто од жените и децата во Газа не се во можност да ги задоволат основните потреби за храна, апелирајќи за поголема хуманитарна помош да стигне до регионот.

Прекинот на огнот е на сила од 19 јануари.

29.01.2025 - 17:02

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега