Во ескалацијата на воените дејствија на Блискиот Исток, цел на координирани напади станаа клучни образовни и истражувачки институции во Иран. Според извештаите на локалните медиуми, меѓу погодените објекти се Технолошкиот универзитет во Исфахан и Универзитетот за наука и технологија во Техеран, институции кои важат за столбови на иранскиот научен развој.
Иранските власти упатија остри обвинувања до Израел и САД, тврдејќи дека нападите се намерно насочени кон деструкција на интелектуалниот капацитет на земјата. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакеи, изјави дека овие центри се само дел од многуте истражувачки објекти нападнати во изминатиот месец.
„Всушност, американско-израелската агресија против Иран продолжува да ја открива својата вистинска цел: да ги осакатува научните темели и културното наследство на нашата земја со систематско таргетирање на универзитети, истражувачки центри, историски споменици и истакнати научници“, истакна Бакеи.
Тој дополнително додаде дека оправдувањата на сојузниците за неутрализирање на нуклеарната закана се само параван за поширока деструктивна агенда:
„Спротивставувањето на ‘нуклеарната програма’ и ‘непосредната закана’ на Иран беа чисто злонамерни изговори – само измислици дизајнирани да ја сокријат нивната вистинска намера“, дополни тој.
Од друга страна, израелската војска претходно потврди дека таргетира објекти кои според нивните разузнавачки податоци се користат за воени цели и обука на кадри на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).
Тензиите дополнително се заострија по заканата од Техеран дека ќе возврати со напади врз американски и израелски универзитети во регионот доколку не престане бомбардирањето на нивните образовни установи.

