Уште денеска и утре ќе се задржи релативно топло време со температури кои во потоплите делови од земјава ќе се доближат до 30 степени, но од вторник следува нагло заладување и вистински есенски температури.
Дневните максимални температури во вторник и среда во поголем дел од земјава ќе се движат од околу 19 до 24 степени, а значително постудени ќе бидат и утрата. Во Скопје минималната температура во среда може да се спушти до околу 4 до 6 степени, а слично свежо време се очекува и во Битола и Охрид.
Поголема нестабилност се очекува денеска и во понеделник, особено во западните и југозападните делови, каде локално се можни пороен дожд и грмежи. Од вторник времето постепено ќе се стабилизира, а средината на неделата се очекува да помине со повеќе сонце и без позначителни врнежи.
Во четврток и петок температурите благо ќе пораснат, но нема да се вратат на сегашните летни вредности. Максималните дневни температури главно ќе бидат меѓу 21 и 26 степени.
За викендот прогнозите засега покажуваат претежно стабилно време, иако во делови од земјата останува можноста за локални врнежи. Засега нема јасен сигнал за пошироко невреме, но со приближувањето на викендот прогнозата за врнежите може да се менува.


