Ердоган: Шведска не треба да очекува поддршка од Турција за влез во НАТО

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Шведска не треба да очекува поддршка од Анкара за влез во НАТО по протестите на антиисламските активисти и прокурдските групи во Стокхолм.

Ердоган го осуди протестот во саботата во кој беше запален Куранот, светата книга на исламот, велејќи дека тоа е навреда за сите, особено за муслиманите, и ги критикуваше шведските власти што дозволија демонстрациите да се одржат пред турската амбасада во Стокхолм.


Тој, исто така, ја критикуваше Шведска за прокурдските протести каде демонстрантите вееја знамиња на различни курдски групи, вклучително и Курдистанската работничка партија, чии симболи не се забранети во Шведска, иако е означена како терористичка група во ЕУ, САД и Турција.

„Ќе дозволите терористичките организации да дивеат и потоа да ја очекувате нашата поддршка за влез во НАТО. Тоа нема да се случи“, рече Ердоган.

Тој додаде дека Шведска „нема да види никаква поддршка“ од Турција за влез во НАТО „ако не покаже почит“ кон Турција или муслиманите.

Шведска, како и Финска, аплицираше за членство во НАТО минатата година, напуштајќи ја децениската политика на воена неутралност откако Русија ја нападна Украина. Турција и Унгарија се единствените две членки на НАТО кои го немаат ратификувано протоколот за пристапување на овие земји во НАТО.

23.01.2023 - 19:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега