Ер Нов Зеланд: Патниците ќе се мерат колку тежат пред да се качат на авион

 

Повеќе од 10.000 патници кои летаат со „Ер Нов Зеланд“, во текот на јуни ќе бидат замолени да стапнат на вага пред да се качат на нивниот лет.

Авиокомпанијата сака оние кои патуваат со нејзините меѓународни летови да учествуваат во истражување за тежината на патниците.

Тоа е важна иницијатива за да се обезбеди „безбедна и ефикасна работа на авионот“, според „Ер Нов Зеланд“, а исто така е барање на Националната управа за цивилно воздухопловство, пишува „Индипендент“.

Патниците на оваа компанија беа измерени на домашните летови во 2021 година, а сега кога се воспоставени меѓународните патувања по пандемијата на коронавирусот, време е да се измерат и оние на меѓународните летови.

Претходно беше напишано дека мерењето на тежината на секој патник пред лет може да ја зголеми безбедноста и да ја намали еколошката штета предизвикана од секој лет. Во моментов, авиокомпаниите користат „претпоставена маса“, проценувајќи ја вкупната тежина на патниците користејќи стандардни броеви.

Ер Нов Зеланд вели дека сака да ги увери патниците кои можеби се двоумат околу мерењето на рачниот багаж, дека нема за што да се грижат.

„Знаеме дека стапнувањето на вагата може да биде застрашувачко. Сакаме да ги увериме нашите клиенти дека никаде нема видлив екран и никој не може да ја види вашата тежина, дури ни ние. Целосно е анонимно“, рече Аластер Џејмс, специјалист за подобрување на контролата на оптоварувањето на Air New Zealand.

„Тоа е едноставно, доброволно и со мерење, ќе ни помогнете да ве возиме безбедно и ефикасно секој пат“, нагласи Џејмс.

Тој рече дека пред секое полетување пилотот треба да ја знае тежината и рамнотежата на натоварениот авион.

Истражувањето ќе се спроведе на влезот на портата на избраните летови на „Ер Нов Зеланд“, кои поаѓаат од меѓународниот аеродром во Окленд до 2 јули 2023 година.

30.05.2023 - 21:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега