Конфликтот на Блискиот Исток предизвикува сериозни финансиски загуби за Европа, зголемувајќи ги трошоците за увоз на фосилни горива за речиси 500 милиони евра дневно. Оваа алармантна бројка ја соопшти претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во своето обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур.

„За само 60 дена конфликт, нашата сметка за увоз на фосилни горива се зголеми за повеќе од 27 милијарди евра, без притоа да добиеме ниту една дополнителна молекула енергија“, истакна Фон дер Лајен, посочувајќи на неодржливоста на моменталната состојба.

Ситуацијата би можела дополнително да се влоши поради најавите од Вашингтон. Според пишувањата на „Волстрит џурнал“, американскиот претседател Доналд Трамп подготвува стратегија за продолжена блокада на Иран, со цел да ја ограничи трговијата преку иранските пристаништа. Ваквиот потег носи огромен ризик од прекин на протокот на енергенси низ стратешкиот Ормутски теснец, рута низ која минува 25 отсто од светската трговија со нафта.

За претседателката на ЕК, овие геополитички тензии се само уште еден доказ дека Европската Унија мора итно да ја забрза енергетската транзиција.

„Мораме да ја намалиме нашата прекумерна зависност од увезените фосилни горива и да го зголемиме домашното, прифатливо и чисто производство на енергија, од обновливи извори до нуклеарна енергија“, порача таа.

Како одговор на кризата, Фон дер Лајен најави дека на 10 јуни Комисијата ќе презентира сеопфатен Акциски план за електрификација, кој ќе вклучува амбициозни цели на ниво на целата Унија. Истовремено, таа повика на побрза модернизација на европските електрични мрежи и поблиска координација околу резервите на нафта, дизел и авионско гориво меѓу земјите-членки.

Exit mobile version