Куба се соочува со еден од најтешките енергетски колапси во својата историја, откако дефект на главната термоцентрала предизвика целосен прекин на снабдувањето со електрична енергија на целиот остров. Милиони граѓани останаа во мрак, а властите прогласија „енергетска вонредна состојба“.
Министерството за енергетика соопшти дека системот доживеал тотален крах по неочекуваното исклучување на термоцентралата „Антонио Гуитерас“, која е столбот на кубанската електрична мрежа.
„Системот е во целосен прекин. Работиме со сите капацитети за постепено враќање на напонот, но ситуацијата е исклучително тешка“, стои во официјалното соопштение на властите во Хавана.
Пред овој тотален прекин, земјата веќе со недели се соочуваше со рестрикции кои траеја и по 12 часа дневно. Владата ги затвори училиштата, јавниот превоз и сите државни институции кои не се клучни, во обид да го заштеди и онака малиот капацитет на енергија.
Како главни причини за оваа катастрофа, официјална Куба ги посочува застарената инфраструктура, лошото одржување и недостигот на гориво, но и економските санкции кои го отежнуваат увозот на делови и нафта. Граѓаните стравуваат дека прекинот би можел да трае со денови, што дополнително ќе ја влоши состојбата со храната и лековите кои бараат ладење.


