Жените во Македонија се уште се гледаат како некој што треба да се грижи за семејството, а мажите како некој што треба да заработува. Предрасудите и стереотипите доминираат, а со сегашното темпо на „затворање“ на актуелниот родов јаз, на државава ќе и требаат 57 години за да постигне родова еднаквост, беше речено на денешната тркалезната маса „Унапредување на родовата еднаквост во лидерството и управувањето“ што се одржа во Стопанската комора.
Како што истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божниновска, моментно во македонската Влада има три жени, пет жени се заменички-министри, а земјава има жена претседател на државата, а имаше и жена гуверне
Во Северна Македонија преземаме конкретни чекори за усогласување со Директивата на ЕУ за жени во управните одбори и за зајакнување на улогата на жените во процесот на донесување одлуки во јавните институции и државните претпријатија. Сепак, исто така признаваме дека трансформацијата бара повеќе од регулатива – бара застапеност, менторство и храброст, рече Божниновска.
Ова, дополни, е дискусија за моќта – кој ја држи, како се споделува и како градиме системи каде што жените не се исклучок, туку правило во лидерството.
-Како амбасадор на Алијансата на жени во управните одбори за Северна Македонија, длабоко верувам дека родовата еднаквост не е само прашање на праведност, туку е прашање на напредок. Податоците се јасни: компаниите со разновидно лидерство работат подобро, иновираат повеќе и градат посилна доверба со своите заедници. Но, исто така знаеме дека законите и политиките сами по себе не можат да ја променат културата. Потребна е посветеност – од владите, бизнисите и од секој од нас – за да се отворат вратите што беа затворени предолго, рече Божиновска.
Министерката напомена дека поддршката е многу важна. Жените треба да добијат шанса, а професионализмот, компетентноста и квалитетот се од суштинско значење.
-Премногу често, жените никогаш не добиваат можност да докажат дека ги поседуваат. Тоа што сум на лидерска позиција ми дава привилегија и одговорност отворено да зборувам за ова и да влијаам на промените. Силно се залагам повеќе жени да добијат можност да водат, да управуваат и да покажат што се способни. Ако мене ме прашувате, бројките сè уште не се доволно добри. Во нашата Влада, моментално има само три жени министерки. Во одборите на енергетските компании, бројот на жени останува многу мал. Сепак, со гордост можам да кажам дека почнавме да го менуваме ова одвнатре. Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси кое го водам, денес е Министерството со најголема рамнотежа во однос на половите во Владата. Вработуваме повеќе жени отколку мажи, од кои многумина се на високи и менаџерски позиции, подвлече Божиновска.
Како што беше речено на тркалезната маса, Директивата на ЕУ за жени во управни одбори предвидува две јасни патеки на усогласеност за котираните компании: најмалку 40 отсто од местата на неизвршните директори или 33 проценти од сите позиции во одборите да им припаѓаат на помалку застапениот пол до 30 јуни 2026 година, со задолжително годишно известување, корективни мерки и, каде што е потребно, санкции како парични казни или поништување на именувања што не се во согласност со регулативата.

