Единствена Македонија: Средбата кај Ковачевски е приватен собир, на повидок е ново предавство

 

Единствена Македонија реагираше со соопштение до јавноста по закажаната лидерска средба од премиерот Димитар Ковачевски.

„Јавноста слушна за некаква средба денес закажана од Димитар Ковачевски со претседатели на парламентарни партии на кои ќе се разговарало за иднината на Македонија и Македонците. Но, Единствена Македонија го потсетува Ковачевски дека прашањето за Македонците не е прашање на една партија или на една влада, туку на македонскиот народ. Оттука, денешната средба е само приватен собир кај Ковачевски. Единствена Македонија го реафирмира својот став дека е најдобро Ковачевски да се вразуми и на очигледниот шовинистички поход спрема македонскиот народ да одговори со повлекување од Договорот со Бугарија, мораториум на преговорите за датум за членство во ЕУ до следните парламентарни избори на кои народот ќе одлучи за правецот по кој ќе се движи Македoнија“, велат од партијата.

Единствена Македонија смета дека на повидок е ново национално предавство.

„На повидок е ново национално предавство налик на капитулантскиот договор со Грција. Единствена Македонија ја предупредува владата на СДСМ и ДУИ дека за национално предавство одговорност мора да има, и ќе има. Единствена Македонија како одговорна партија која во основа се бори за одбрана на македонските национални интереси никогаш нема да ја предаде Македонија, нашата земја, нашата татковина. Ќе ги поништиме антимакедонските договори. Македонија е нашата татковина, Македонија е нашиот дом. Онака како што се бориме за нашите домови, се бориме и за Македонија“, се вели во соопштението.

07.11.2022 - 11:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега